ЕУ по планот на Трамп: Газа е составен дел на идната палестинска држава / Фото: Reuters

Ануар ел Ануни, еден од портпаролите на Комисијата за надворешни работи на ЕУ, како одговор на изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп во врска со неговиот план за ‘преземање’ на Појасот Газа, нагласи дека Газа е неразделен дел на идната палестинска држава.

Ел Ануни зборуваше на дневниот брифинг на Комисијата на ЕУ во врска со зборовите на Трамп дека „САД ќе го преземат Појасот Газа“.

„ЕУ останува целосно посветена на решението за две држави, за кое веруваме дека е единствениот пат кон долгорочен мир и за Израелците и за Палестинците. Јасно ставивме до знаење дека Газа е неразделен дел на идната палестинска држава“, рече портпаролот.

Тој истакна дека ставот на ЕУ е дека не треба да има дополнително присилно раселување на Палестинците.

Трамп кој му беше домаќин на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во Белата куќа, на заедничката прес-конференција изјави дека САД ќе го преземат Појасот Газа.

Истакнувајќи дека Газа сега е џиновска област која во потполност е срамнета со земја, Трамп предложи дека ‘би било многу подобро за Палестинците во Газа да одат во нови населби што ќе се изградат во соседните земји, особено во Египет и Јордан’.

Трамп тврди дека Палестинците немаат друг избор освен да ја напуштат Газа.

AA
Популарни