Колабирани работници, пресушени реки и езера, намалени приноси во земјоделието и недостиг на вода се дел од најголемите проблеми на топлотниот бран кој донесе суша ширум европскиот континент. Земјите се погодени топлотниот бран и од недостигот на врнежи. Бараат начин како да одговорат на предизвиците со кои се соочува населението во поглед на задоволување на егзистенционалните потреби.
Франција: Најголема кризна состојба досега
Една од европските земји кои се соочуваат со голема суша е Франција. Француската премиерка Елизабет Борн на 5 август формираше Меѓуресорен кризен штаб за решавање на проблемите предизвикани со најголемата суша забележана во Франција.
Поради екстремните горештини и недостаток на врнежи од дожд ширум земјата, се предвидува дека состојбата ќе се влоши во наредните недели.
Од 4 август во 62 од вкупно 101 француски департман прогласено е највисоко ниво на тревога. Франција претходно потврди дека забележала најсушен јули од 1961 година и дека ќе следуваат негативни ефекти врз земјоделското производство и недостаток на вода во урбаните центри.
Со оглед на сите фактори, премиерката на Франција, состојбата ја прогласи за „најголема кризна состојба досега.“
Холандија официјално прогласи недостиг на вода
Холандија е уште една земја во Европа која ги чувствува последиците од сушата и недостатокот на врнежи. Холандската Влада на 4 август соопшти дека на национално ниво има недостиг на вода предизвикан од топлото и суво лето, што доведе до рекордна суша во поголемиот дел од континентот. Холандските власти формираа тим за подготовка на мерки за управување со расположливите водни ресурси и побараа и од граѓаните да се вклучат во штедењето вода.
„Недостигот на вода веќе има негативен ефект, особено врз бродарството и земјоделството“, изјави министерот за инфраструктура и водостопанство Марк Харберс.
Сушата проблем и за земјоделците во Велика Британија
Рекордно високите летни температури и долготрајното суво време претставуваат голем проблем и за земјоделците во Велика Британија. Од властите бараат водата да се прогласи за имот од стратешко значење. Во Велика Британија на 19 јули забележана е највисоката температура досега од 39,1 степени Целзиусови во Чарлвуд, а се очекува температурите да растат, покажуваат податоците од метеоролошката британска служба.
Италија: Најголема суша во последните 70 години
Италија минатиот месец прогласи вонредна состојба во пет северни региони и најави вонредни мерки поради сушата што ја погоди долината По ова лето. Ова е најголемата суша во земјата во последните 70 години. Италијанската Влада на 5 јули прогласи вонредна состојба во пет региони, која ќе трае до 31 декември оваа година.
Властите најавија фонд за помош на погодените од сушата во висина од 38,5 милиони долари. Според најголемиот земјоделски синдикат во Италија, сушата се заканува на повеќе од 30 отсто од националното земјоделско производство и половина од фармите во долината По.
Во Шпанија значително намалени акумулациите за вода
Од суша е погодена и Шпанија. На крајот на јули оваа година, шпанските акумулации за вода имаа само 40 отсто капацитет. Евидентен е случајот со исушување на чешмите за вода на југот на Барселона.
Португалија: Најтопол јули од 1931 година
Португалија го забележа најтоплиот јули со просечна температура од 25,1 степени Целзиусови. Португалската метеоролошка служба објави дека овој јули е најтопол од почетокот на националното мерење на температурата во 1931 година.
Високите температури ја влошија сушата во Португалија, со 45 отсто од земјиштето во „екстремна суша“, а остатокот во „тешка суша“.
Силна суша го погодува земјоделството во Унгарија
Меѓу земјите кои се соочуваат со проблеми во земјоделството поради сушата е и Унгарија. Иако се наоѓа помеѓу две големи реки, Дунав и Тиса, унгарскиот регион Хомохацаг (Песочен гребен), кој е исклучително важен за земјоделството, е погоден од силна суша. Тоа е област каде што се одгледува пченка, разни житарки и сончогледи.
Унгарското Министерство за земјоделство соопшти дека сушата зафатила околу 550.000 хектари земја, а земјоделците веќе ги собираат штетите.
Последици и во Словенија
Поради сушата која трае веќе подолго време во цела Словенија, на сточарите ќе им биде многу тешко да обезбедат храна за животните, предупредуваат надлежните.
Според оценката на претседателот на Земјоделско-шумарската комора на Словенија (KGZS) Роман Жвеглич, овогодишната суша ќе ја надмине онаа во 2017 година, кога настанала штета од 65 милиони евра. Најголеми проблеми ќе имаат сточарите, бидејќи житото кое го користат, е многу погодено од сушата и исклучително е скапо на пазарот.
Европа се соочува со природни катастрофи
Европската комисија во јули алармираше дека поради засилените климатски промени, континентот се соочува со една од најлошите години во однос на природните катастрофи како што се сушата и шумските пожари.