Министерката за надворешни работи на Словенија, Тања Фајон, изрази загриженост пред членките на Европската Унија (ЕУ) поради можноста за поширока регионална војна на Блискиот Исток и зголемено страдање на цивилите во Либан и Газа и го повика израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да стави крај на војната.
„Нетанјаху, престанете со оваа војна“, изјави Фајон за Агенција Анадолу во Берлин, каде што присуствуваше на министерскиот состанок на Берлинскиот процес.
Министерката Фајон изјави дека израелската администрација треба што поскоро да ги запре непропорционалните и неконтролираните напади врз Либан и Газа.
„Она што го гледаме на терен е повеќе од еден милион раселени. Во врска со копнениот напад (од страна на Израел врз Либан), ги повикувам сите страни да покажат воздржаност, да избегнуваат конфликти, да ги заштитат цивилите и да го спречат ширењето на војната“, рече Фајон.
Шефицата на словенечката дипломатија изјави дека нејзината земја со партнерите работи на итен хуманитарен прекин на огнот во Газа.
„Отсекогаш сме биле на таа позиција. Говоревме дека ситуацијата ќе доведе до заострување на ситуацијата, паралелно со прекршувањето на меѓународните права во Газа, убиствата на цивили, невини деца и жени. Сè само ќе станува побројно и ќе се заострува“, рече Фајон и додаде:
„Тоа е она на што сме сведоци денес. Затоа, како цела Европска Унија, упатуваме итен повик, особено ние, Словенија. Бараме прекин на насилството, заштита на цивилите и почитување на меѓународното право“.
На крај министерката Фајон на израелскиот премиер му се обрати со зборовите:
„Нетанјаху, престанете со оваа војна!“