Фидан смета дека борбата против тероризмот, бара од сите сојузници на НАТО да покажат максимална солидарност / Photo: AA

Меѓусебното воведување санкции од земјите-членки на НАТО не е компатибилно со духот на алијансата, изјави денеска турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан во Варшава по средбата со полскиот колега Радослав Сикорски и романската колешка Луминица Одобеску.

Тој нагласи дека меѓу сојузниците, особено во секторот на одбранбената индустрија, треба целосно да се укинат санкциите, ограничувањата и пречките.

„Санкциите и ограничувањата не само што влијаат на сојузничката држава, туку и го поткопуваат капацитетот на НАТО за одвраќање и одбрана“, додаде тој.

Фидан рече и дека исклучително чувствителните прашања, како што е борбата против тероризмот, бараат од сите сојузници на НАТО да покажат максимална солидарност.

Тој се осврна и на војната во Газа, истакнувајќи дека Израел, под изговор дека ќе воспостави сопствена безбедност, ги убива жителите на Газа пред очите на целиот свет и раселува милиони луѓе.

Фидан ги повика земјите кои безусловно го поддржуваат Израел „да ги разгледаат своите позиции пред да биде предоцна“.

TRT Balkan / агенции
Популарни