Финската влада понудила да формира база на нејзина територија за големите извидувачки беспилотни летала на НАТО, “Рекон”, објавија денеска локалните медиуми.
Беспилотните летала во август летаа и над финскиот воздушен простор за да соберат разузнавачки информации долж источната граница на земјата.
Финските воздухопловни сили имаат четири алтернативни бази. Според националниот радиодифузер најверојатната локација е Пиркала.
Плановите на НАТО за новата база се уште се во рана фаза, а одлуката за локацијата на базата за беспилотни летала се очекува да биде донесена следната година.
Сепак, како што јавуваат финските медиуми, воената алијанса потврди дека и е потребна локација за надзорни дронови во Северна Европа.
Финска ги зајакна своите одбранбени капацитети по пристапувањето во НАТО на 4 април 2023 година, што го промени балансот на силите во Северна Европа и резултираше со зголемени тензии со Русија.
Членството на Финска во НАТО предизвика воени закани од Кремљ, при што рускиот претседател Владимир Путин го обвини Западот дека создава јаз меѓу Москва и Хелсинки.
Во декември, Финска ги затвори своите граници со Русија, при што властите во Хелсинки ја обвинија Москва дека извршила сомнителен хибриден напад и намерно им помагала на недокументирани мигранти да преминат во нордиската земја, тврдење кое Русија го негираше.
Во март, финската фирма Конгсберг и меѓународната компанија за одбрана и техологија, Патриа потпишаа договор за испорака на далечински станици за оружје “Протектор” za над 300 возила Патриа во Шведска и Финска.
Испораките според извештаите на медиумите ќе започнат во 2025 година и ќе продолжат во текот на 2030-тите.