Фон дер Лајен-Спајиќ: Целта на Црна Гора до 2028 да биде во ЕУ е амбициозна / Photo: AA

Премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ, по денешната средба со претседателката на Европската комисија (ЕК), Усрула фон дер Лајен, изјави дека Црна Гора би можела да стане членка на Европската Унија до 2028 година, додека шефицата на ЕК рече дека овој план е амбициозен, но остварлив.

Фон дер Лајен во подгоричката вила „Горица“ се сретна со претседателот на Владата, Спајиќ, а претходно разговараше и со претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ.

По средбата Спајиќ изјави дека Црна Гора по неполна година успеала да оствари многу од поставените цели и да покаже дека е посветена на патот кон ЕУ.

„ИБАР го добивме во јуни, тоа беше голем чекор за Црна Гора, која не можеше да направи ништо по тоа прашање шест, седум години. Имавме План за раст кој беше прифатен од Европската комисија и Владата на Црна Гора“, рече црногорскиот премиер, додавајќи дека неговата земја направила многу, но дека треба да направи многу повеќе на патот кон ЕУ.

Нагласи дека следните две години се особено клучни за европската иднина на Црна Гора.

„Треба да направиме многу повеќе, а за тоа ни е потребно целото општество. Потребно ни е сите политички партии, сите парламентарни политички партии, да се здружат за истата цел што сите сакаме да ја постигнеме. Сите сакаме да ги затвориме сите поглавја до крајот на 2026 година. И ова е навистина амбициозна цел. Знам дека разговаравме за тоа, но ние тоа го можеме и навистина верувам дека е изводливо“, рече Спајиќ, истакна дека Црна Гора ќе ја претстави платформата „Барометар 26“.

Додаде дека Црна Гора треба да затвори 26 поглавја до 2026 година за до крајот на 2028 година да стане членка на Европската Унија.

Претседателката на Европската комисија ја пофали Црна Гора за реформската агенда и додаде дека земјата постигнала голем напредок на патот кон пристапување во ЕУ.

„Имате добра причина да се гордеете со постигнатото. Сега затвораме едно по друго поглавје. Четири може да затворите уште оваа година. Може да успеете ако го задржите фокусот на целта за пристапување и ако сите политички сили во земјата се соберат околу него“, рече Фон дер Лајен, повторувајќи дека во фокусот на нејзиниот втор петгодишен мандат ќе биде проширувањето на ЕУ.

Таа додаде дека целта на Црна Гора до 2028 година да биде дел од ЕУ е „амбициозна, но и остварлива“.

„Ние сме со вас. Ве поддржуваме колку што е можно повеќе во советите и насоките за реформите. Напредокот што го гледаме во Црна Гора е извонреден и гледајќи ја динамиката во изминатата година, импресионирана сум од брзината и квалитетот. Како што знаете, целиот процес на пристапување се заснова на заслуги, така што сè зависи од напредокот на Црна Гора, но убедена сум дека ќе успеете да ги одржите овие амбициозни цели“, рече Фон дер Лајен, истакнувајќи дека народот на Црна Гора „сака европска иднина“.

Претседателката на Европската комисија со посетата на Црна Гора ја заврши турнејата низ Западен Балкан, во рамките на која ги посети Албанија, Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Србија и Косово.

AA
Популарни