Претседателката на ЕК допатува во Полска / Photo: AA

ЕУ ќе воведе комесар за одбрана и со тоа ќе ја пополни својата одбрана во следните пет години, најави денеска шефицата на Европската комисија Урсула фон дер Лајен при нејзината посета на Катовице, Полска и средбата со полскиот премиер Доналд Туск.

Фон дер Лајен истакна дека претстојните избори за Европскиот парламент ќе бидат во функција Европа да им се спротивстави на непријателите однадвор и марионетите одвнатре.

“Војна е објавена во Источна Европа од авторитарниот режим на Владимир Путин, а клучниот елемент за справување со опасноста е Европската унија и единството на континентот. Трката во вооружување почнува повторно и Европа не може да доцни на тој план. Првата задача е итната потреба за проширување и трансформирање на вооружените сили на Европа“, рече Фон дер Лајен, истакнувајќи дека пристигнала во Полска за да објави дека сака да изгради коалиција за силна Европа со Доналд Туск и со неговата партија.

Таа смета дека Европа мора да троши повеќе и подобро на европски начин. Претседателката на ЕК изјави дека комисијата инвестира во клучните економски сектори како дел од програмата NextGenerationEU, а Полска може да добие многу милијарди евра од неа.

Полскиот премиер Туск се согласи дека Европа и ЕУ мора да станат безбедно место.

„Денес само слеп или некој со лоша волја може да се преправа дека се е како порано. Историјата и политиката ни се вратија во оваа најфизичка, најбрутална и тешка димензија“, рече Туск.

Полска и ЕУ

Полска според Фон дер Лајен ја направила ЕУ посилна и поцелосна. Претседателката на Европската комисија рече дека полската влада работи многу напорно за да се погрижи да бидат надминати сите пресвртници.

Запрашана за одлуката на ЕУ да ја затвори постапката од член 7 против Полска, Фон дер Лејен рече дека во последните неколку месеци Комисијата ја увидела работата на полската влада за враќање на владеењето на правото во земјата.

„Силниот глас на Полска ни покажа дека сте подготвени да ја зајакнете демократијата. Ова и овозможи на комисијата да предложи затворање на постапката според член 7“, рече таа.

Специјалниот надзор започна во 2017 година, откако претходната националистичка влада воведе судски реформи за кои највисокиот суд на ЕУ утврди дека ги прекршиле стандардите на владеењето на правото.

TRT Balkan / агенции
Популарни