Бугарија воведе забрана за влез на возилата со руски регистарски таблички.
Одлуката е во согласност со насоките на Европската Унија од 11 септември, со кои беа повикани земјите членки да забранат влез за возилата со руски регистарски таблички, објави државната новинска агенција БТА.
Станува збор за патнички и други автомобили со руски регистерски таблички наменети за превоз до десет лица, вклучително и лични, а се истакнува дека изземени се автомобилите купени во Русија за дипломатско-конзуларните претставништва на ЕУ и земјите членки.
По Естонија, Латвија, Литванија, Финска и Полска, Бугарија стана последната земја од ЕУ која забрани влез на автомобили со руски регистарски таблички.
На 11 септември, Европската комисија потврди дека санкциите наметнати на Русија поради нејзината „специјална воена операција“ во Украина вклучуваат забрана за возилата со руски регистарски ознаки да ги преминуваат границите на ЕУ.
Бугарскиот министер за внатрешни работи Калин Стојанов на 14 септември изјави дека документот за забраната пристигнал.
Тој потоа напомена дека документот треба да се испита и да се донесе одлука како понатаму.