Франција стана првата земја која на жените им даде право на абортус во Уставот / Photo: AA

Францускиот парламент на посебна заедничка седница на двата дома изгласа правото на абортус да се вметне во Уставот, со што Франција стана првата земја во светот што го направи тоа.

Вкупно 780 претставници и сенатори се согласија да се вметне реченицата во членот 34 од Уставот на Франција: „Законот ги утврдува условите под кои се остварува слободата загарантирана на жената да прибегне кон доброволно прекинување на бременоста“. Против гласаа 72 парламентарци.

Стотици демонстранти се собраа во Версај под знамето на здружението „Марш за живот“, во близина на местото каде што се одржа гласањето, опишувајќи го денот како „ден на жалост“.

Тие ја обвинија владата дека ги избегнува обврските кон бремените жени, особено младите жени, за да им ја олесни бременоста и да обезбеди здрави услови погодни за породување.

На четири дена пред 8 март, Меѓународниот ден на жената, на посебна седница беше заклучена долгата политичка битка што ја иницираше левицата и конечно беше усвоена од Владата по неколку собраниски иницијативи.

Денот, поздравен како историски од поддржувачите на мерката, доаѓа во пресрет на 50-годишнината од законот од 1975 година со кој се легализира абортусот во Франција.

Премиерот Габриел Атал ја поздрави одлуката и рече дека ова е чекор кој ќе остане во историјата.

„Франција е верна на своето наследство... како татковина на човековите права и, пред сè, правата на жените“, рече тој.

Оваа одлука на парламентот ја поздрави и претседателот на Франција, Емануел Макрон, кој ја нарече чин на „француска гордост“, а најави и дека на 8 март ќе се одржи церемонија на потпишување на соодветните уставни измени.

AA
Популарни