Франција ќе прифаќа само мигранти кои се гонети од политички причини и едноставно нема да ги прифаќа ирегуларните мигранти, посочи Жералд Дарманин министерот за внатрешни работи.
„Франција ќе и помогне на Италија да ги заштите своите граници и да спречи да доѓаат уште луѓе“, посочи Дарманин по неодамнешниот прилив на мигранти на италијанскиот остров Лампедуза.
„За тие кои пристигнуваат мора да ги примениме последните европски правила кои ги усвоивме пред месеци, а кои предвидуваат барањата за азил да се пополнат на граница“, посочи министерот.
Тој рече и дека тие кои ги исполнуваат условите за азил вклучувајќи ги и политички прогонетите се добредојдени.
Министерот додаде дека е погрешно да се верува дека „мигрантите треба да се распоредат низ сите европски држави само затоа што пристигнале во Европа“.
„Ако станува збор само за ирегуларна миграција, Франција не може да ги прими тие луѓе. Нашата волја е да ги примиме тие кои имаат потреба, кои се политички гонети и мора да ги вратиме тие кои немаат што да бараат во Европа“.
Дарманин ќе ја посети Италија
Приближно 11.000 нерегуларни мигранти пристигнаа на островот Лампедуза од Африка во Европа преку нерегуларни миграциски рути во Централниот Медитеран во текот на изминатата недела, создавајќи критична ситуација на островот.
Претходно, Урсула фон дер Лајен претседателка на Европската Комисија, го претстави акциониот план од 10 точки за справување со приливот на мигранти на Лампедуза за време на нејзината посета на островот.
Доколку продолжи сегашниот тренд, бројот на мигранти по морски пат кои пристигнуваат во Италија ќе постави нов максимум оваа година.
Заклучно со петокот во Италија од почетокот на годинава пристигнале 127.207 мигранти или речиси двојно повеќе од истиот период минатата година. Врвот во пристигнувањето на мигрантите беше постигнат во 2016 година, со 180.000 регистрирани записи.