Од 7. октомври доселениците извршиле 343 напади, убивајќи 8 палестински цивили, ранувајќи 83 и протерувајќи 1.026 Палестинци од нивните домови / Photo: AA

Група западни земји и Европската Унија денес ги осудија насилните дејствија на екстремистичките еврејски доселеници кои ја тероризираат палестинската заедница на окупираниот Западен Брег, повикувајќи го Израел веднаш да преземе мерки проти рекордно високото насилство на доселениците.

Во заедничката изјава на Австралија, Белгија, Канада, Данска, ЕУ, Финска, Франција, Ирска, Луксембург, Холандија, Норвешка, Шпанија, Шведска и Велика Британија, се повикува Израел да преземе итни и конкретни чекори за решавање на проблемот со насилството на доселениците на окупираниот Западен Брег.

Во изјавата се изразува сериозна загриженост поради рекордниот број напади на екстремистичките доселеници врз Палестинците на Западниот Брег.

„Од почетокот на октомври досега, доселениците сториле повеќе од 343 насилни напади, убивајќи 8 палестински цивили, ранувајќи 83 и протерувајќи 1.026 Палестинци од нивните домови“, се вели во соопштението.

Тие силно ги осудуваат насилните дејствија сторени од страна на екстремистичките еврејски доселеници, кои ја тероризираат палестинската заедница.

„Го повторуваме нашиот став дека израелските населби на окупираниот Западен Брег се незаконски според меѓународното право и го потсетуваме Израел на неговите обврски кон меѓународното право, особено според членот 49. на Женевската конвенција IV“, се наведува во заедничката изјава.

Во текстот се истакнува дека растот на насилството на екстремистичките доселеници над Палестинците е неприфатлив и дека Израел, како окупаторска сила, мора да го заштити палестинското цивилно население на Западниот Брег.

„Неуспехот на Израел да ги заштити Палестинците и кривично да ги гони екстремистичките доселеници предизвика опкружување на потполна неказнивост во кое насилството на доселениците достигна ниво без преседан. Тоа ја поткопува безбедноста на Западниот Брег и регионот и ги загрозува изгледите за траен мир“, се додава во изјавата.

Се наведува и дека „зборовите се важни, но сега мораат да се претворат во дела“, укажувајќи на соопштението на Израел по ова прашање објавено на 9 ноември „дека ќе преземе акции против насилните престапници“.

AA
Популарни