Ги повика гласачите да спречат апсолутно мнозинство за партијата на Ле Пен/ Фото: AFP

Францускиот премиер Габриел Атал повика на спротивставување на крајно десничарската партија Национален собир (РН) по нејзината победа на вонредните парламентарни избори.

„Ниту еден глас не смее да оди кај РН“, рече Атал во обраќањето до нацијата по објавувањето на прелиминарните резултати.

Атал, кој е член на центристичкиот сојуз на претседателот Емануел Макрон, нагласи дека Националното собрание, долниот дом на францускиот Парламент, никогаш во својата историја не било под таков ризик.

„Нашата цел е јасна, да го спречиме Националниот собир да постигне апсолутно мнозинство во вториот круг, да доминира во Националното собрание“, нагласи Атал.

Тој напомена дека „сите сфатија“ дека левичарскиот сојуз Нов народен фронт ќе нема апсолутно мнозинство во следниот круг.

Вториот круг од изборите ќе се одржи на 7 јули.

Крајната десница прогласи победа против блокот на Макрон по прелиминарните резултати од вонредните избори.

Лидерката на француската крајна десница Марин Ле Пен го поздрави „крајот на блокот на Макрон“.

„Демократијата проговори. Потребно ни е апсолутно мнозинство“, додаде Ле Пен.

Националниот собир, според излезните анкети, добил 33,5 отсто од гласовите, пишува весникот „Ле Фигаро“.

Новиот народен фронт, кој ги обединува левичарските партии, доби 28,5 отсто и засега е на второ место, а центристичкиот сојуз Заедно за Републиката, поддржана од претседателот Макрон, го зазеде третото место со 22,1 отсто.

Вчера заврши првиот круг од парламентарните избори, а вториот ќе се одржи на 7 јули.

AA
Популарни