Русија денес објави дека странци притворени во руската Република Дагестан за време на специјална операција биле вклучени во нападот на концертната сала во Москва кон крајот на минатиот месец, во кој загинаа 144 лица.
„ФСБ (Федералната служба за безбедност) на Руската Федерација во Република Дагестан ги потисна активностите на терористичката ќелија составена од четворица странски државјани кои подготвуваа терористички акт во Каспиското Море на места каде што имаше голем број луѓе“, соопшти Центарот за односи со јавноста на ФСБ за државната новинска агенција ТАСС.
Во соопштението се наведува дека четворицата приведени странци директно биле вклучени во финансирање и обезбедување средства за сторителите на нападот на концертната сала Крокус.
Се наведува и дека приведените го извидувале теренот и дека направиле импровизирана експлозивна направа и набавиле автоматско оружје.
Се додава дека тие имале намера да ја напуштат Русија по нападот. Во неделата Рускиот национален комитет за борба против тероризмот го објави режимот на антитерористичката операција во градовите Махачкала и Каспијск.
Најмалку 144 лица загинаа, а повеќе од 382 лица беа повредени на 22 март кога вооружени лица отворија оган во концертната сала Крокус во Красногорск, област на Москва.
Русија обвини четири лица за директна вмешаност во нападот. САД тврдат дека нападот го извршил огранок на терористичката група ДЕАШ. Украина негираше каква било вмешаност во нападот. Претседателот Владимир Путин рече дека пукањето го извршиле радикалите, но нагласи дека Русија сака да знае повеќе, вклучително и кој го наредил.