Најмалку 46.960 Палестинци се убиени во израелската геноцидна војна во Појасот Газа од 7 октомври 2023 година, соопштија денес палестинските власти.
„Меѓу убиените, околу 30.000 се жени и деца“, соопшти владината канцеларија за медиуми на Газа.
Канцеларијата истакна дека над 14.200 луѓе се исчезнати од почетокот на израелската војна во октомври 2023 година.
„Израелската окупација избриша цели 2.092 палестински семејства од регистарот на жители, убивајќи 5.967 лица“, се вели во извештајот кој ги наведува податоците на Министерството за здравство.
Според Канцеларијата за медиуми, во израелските напади убиени се 17.861 дете, меѓу кои 214 новороденчиња, додека 808 се деца под една година.
„Убиени се најмалку 12.316 жени, покрај 1.155 медицински лица, 94 припадници на цивилната одбрана и 205 новинари“, се додава.
Канцеларијата за медиуми соопшти дека 44 Палестинци умреле од глад поради големиот недостиг на храна, а осум премрзнале до смрт, меѓу кои седум деца.
Израелската Армија врз Појасот Газа фрлила околу 100.000 тони експлозив, што предизвика масовно разорување во палестинската енклава.
Првата шестнеделна фаза од договорот за прекин на огнот во Газа стапи на сила во неделата, прекинувајќи ја геноцидната војна на Израел врз енклавата.
Договорот, кој се состои од три фази, вклучува размена на затвореници и одржлив мир, со цел траен прекин на огнот и повлекување на израелските сили од Газа.
Во ноември Меѓународниот кривичен суд (МКС) издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел се соочува и со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за неговите постапки во енклавата.