Се повеќе граѓани на Германија се во потрага по огревно дрво, а добавувачите ширум земјата потврдуваат дека има огромен скок во побарувачката поради високите сметки за загревање кои го „пробија плафонот“ како последица на рекордните цени на гасот и електричната енергија.
Во последниве години, приближно половина од домовите во Германија се грееја на природен гас, 25% користеа масло за греење, додека помалку од 6% користеа огревно дрво.
Но, сега добавувачите на суровини прават големи напори да одговорат на побарувачката, што доведува до недостиг на огревно дрво. Претходно ова лето, германската Федерална асоцијација за огревно дрво рече дека пазарот е целосно исцрпен.
Хејке, која со нејзино семејство живее во Берлин, оваа зима одлучи да се грее на дрва. Користењето гас повеќе не е исплатливо, бидејќи цените се речиси двојно зголемени.
Хајке вели дека забележала дека има се поголем број на луѓе кои користат дрвени пелети за греење.
„Би рекла дека алтернативните системи за греење стануваат сè попопуларни во моментов, што исто така може да значи враќање на дрвото, за кое интересот расте. Па дури и ако ги исечеме шумите, тие повторно ќе пораснат, па затоа сметам дека огревното дрво е возможна алтернатива“, вели Хејке.
Огревното дрво е еден од резервните планови во случај Германија да остане без гас во текот на зимата. Веќе се стравува дека ќе има рестрикции на гас за да има доволно за потребите на индустријата.
Побарувачката е толку голема што повеќето добавувачи престанаа да примаат нарачки уште во јули за остатокот од годината. Некои се обидуваат да ги обезбедат нарачките за следната зима. Цената на дрвото иако е двојно зголемена, сепак е далеку под онаа на системите за греење на гас или струја.
Како што снабдувањето со дрва се ограничува, некои луѓе самите се упатуваат во шумите во нивната близина во потрага по дрва, смета Хајке.
„Веќе видов луѓе како одат во шумата и таму сечат дрва за да ги загреат своите домови. Мислам дека ова ќе биде нашата иднина или барем блиска иднина, бидејќи не знаеме колку долго ќе трае оваа криза и дали системот за греење ќе се смени. Но, и префрлањето на нови системи за греење во моментов е навистина тешко бидејќи никој не може ништо да испорача“, дополнува таа.
Како што европските земји ги зголемуваат залихите на гас, така цените продолжуваат да паѓаат во малопродажбата, но германските потрошувачи не чувствуваат бенефит од пониските цени.
Гасот во август на холандската берза ТТФ се тргуваше по 350 евра за мегават час , но иако цената падна на околу 92 евра за мегават час, таа сè уште е повеќе од двојно повисока од минатата година.
Само новите клиенти ќе имаат шанса да го искористат сегашниот пад на цените, сметаат пазарните експерти. Постојните и основните клиенти на снабдување на гас не може да очекуваат пад на цените.
За потрошувачите во Германија борбата е вистинска, а многумина сега се подготвуваат за она што се очекува да биде „студена, тешка и мрачна зима“.
„Од многу мои пријатели разбрав дека се соочуваат со истиот проблем. Некои од нив се среќни затоа што имаат печка што би можеле да ја користат, додека други немаат и едноставно не знаат како ќе се справат зимава со системот што го имаат. Навистина е голема борба за сите нас и не знаеме каква ќе биде зимата. Претпоставувам дека ќе биде тешко“, додава Хајке.