Германија: Даночниот скандал „Кум-екс“ не го остава намира канцеларот Шолц

Германија: Даночниот скандал „Кум-екс“ не го остава намира канцеларот Шолц

Истрагата за „Кум-екс“ е позната како најголемиот скандал со даночна измама во германската историја
Германија: Даночниот скандал „Кум-екс“ не го остава намира канцеларот Шолц     Фото: АА

Германскиот канцелар Олаф Шолц и неговата Социјалдемократска партија (СПД) се соочуваат со зголемен притисок поради скандалот „Кум-екс“, опишан како најголемата даночна измама во историјата на Германија.

Пред изјавата на Олаф Шолц, кој беше премиер на покраината Хамбург во периодот од 2011 до 2018 година, на 19 август во Истражната комисија формирана во Парламентот на покраината Хамбург за расветлување на скандалот, се дојде до нови сознанија.

Во рамки на истрагата за овој случај спроведена од страна на Обвинителството во Келн, откриено е дека во приватниот банкарски сеф на Јоханес Карс, поранешен пратеник на СПД во Бундестагот и близок човек на Шолц, биле пронајдени над 200.000 евра.

Германските медиуми, кои цитираат членови на Истражната комисија, објавија дека биле испитани и пораките испратени на е-поштата што ја користел Шолц за време на неговиот мандат како премиер на Хамбург.

„Нема докази за каква било политичка интервенција“

Германската јавност сака да дознае каква улога имал Шолц како премиер на покраината Хамбург во врска со банката „Варбург“, за која се вели дека е вмешана во даночниот скандал.

Шолц, кој претходно сведочеше во Истражната комисија, рече дека не се сеќава на содржината на разговорите што ги имал со раководителите на банката „Варбург“ и со Карс.

Германскиот канцелар на прес-конференцијата одржана во Берлин изјави дека нема одговорност за случувањата во врска со банката „Варбург“ и рече: „Нема докази за каква било политичка интервенција“.

Шолц тврди дека не знаел ништо за парите во сефот на Карс во банката и дека долго време не контактирал со него.

Откако еден новинар тврдеше дека банкарите не му дале „украдени пари“ по средбата со Шолц, германскиот канцелар рече: „Ако треба да го докажете тоа тврдење, нема да можете да го направите тоа. Размислете малку кога ќе кажете нешто такво.“

Опозициските партии во Германија бараат Шолц да објасни што разговарал со банкарите и од каде се парите пронајдени во сефот на Карс.

Обвинителството во Келн во изминатите години под сомнение за затајување данок преку трансакции наречени „Кум-екс“, изврши претреси во различни финансиски институции во Хамбург, Франкфурт и Минхен, како и во Министерството за финансии во периодот кога Шолц ја вршеше функцијата министер за финансии.

Најголем скандал со даночната измама во Германија

Истрагата за „Кум-екс“, која е позната како најголемиот скандал со даночна измама во германската историја, откри дека богатите инвеститори и адвокати, пред сѐ банкарите во земјата, систематски потпишувале сложени договори за акции за поврат на даноците кои воопшто не ги платиле.

Герхард Страте, познат адвокат за кривична одбрана, во февруари поднесе кривична пријава обвинувајќи ги Шолц и поранешниот градоначалник на Хамбург, Петер Шенчер, за помагање и поттикнување даночно затајување во скандалот „Кум-екс“. Тој ги обвини двајцата политичари на СПД дека не успеале навремено да побараат поврат на данок од 47 милиони евра што банката „Варбург“ со седиште во Хамбург ги добила од државната каса преку договори за акции на „Кум-екс“ во 2016 година.

Германските медиуми објавија дека Шолц повеќепати се сретнал со Кристијан Олеарис, еден од партнерите на банката „Варбург“, на кого му дал препораки, и дека оваа банка донирала повеќе од 45.000 евра на СПД во 2017 година.

Според пресметките на германските даночни експерти, во периодот од 2005 до 2011 година преку „Кум-екс“ е предизвикана загуба од 7,2 милијарди евра на државната каса.

AA
Популарни