Со денови траеше дискусијата на партиите во владејачката коалиција, ФДП и Зелените, за тоа дали и колку долго трите активни нуклеарни електрани треба да продолжат со работа.     Фото: Ројтерс

Германскиот канцелар Олаф Шолц донесе одлука трите преостанати нуклеарни електрани во Германија да продолжат со работа до средина на април следната година за да биде спречена можна енергетска криза.

„Ќе направиме правна основа за да се овозможи работа на нуклеарните електрани Исар II, Некарвестхајм II и Емсланд по 31 декември 2022, најдоцна до 15 април 2023 година“, се наведува во писмото упатено до министрите за економија Роберт Хабек и за животна средина Штефи Лемке и министерот за финансии Кристијан Линднер.

Со денови траеше дискусијата на партиите во владејачката коалиција, ФДП и Зелените, за тоа дали и колку долго трите активни нуклеарни електрани треба да продолжат со работа.

На партискиот конгрес во текот на викендот, Зелените одлучија да ја поддржат работата на Исар II и Некарвесхајм II до средината на април 2023 година доколку биде потребно.

Германските функционери минатиот месец говореа дека ќе се држат до своите планови за затворање на нуклеарните електрани до крајот на оваа година, но дека ќе ја задржат отворена опцијата на нивно повторно активирање во случај на сериозен недостаток на енергија.

Германија ги запре трите нуклеарни реактори во 2021 година, а затворањето на преостанатите три официјално би значело крај на нуклеарното производство на енергија за домашни потреби.

AA
Популарни