Стотици летови се откажани на четири германски аеродроми поради запирање на работата на персоналот задолжен за безбедносни проверки.
Берлинскиот меѓународен аеродром соопшти дека денес нема да има комерцијални летови, а тоа ќе влијае и на некои дојдовни летови.
Аеродромот откажа околу 200 летови, што погоди 27.000 патници.
Патниците се замолени да ја контактираат својата авио-компанија за да го дознаат моменталниот статус на својот лет.
Аеродромот во Хамбург исто така соопшти дека нема да има редовни летови, а штрајкот веројатно ќе предизвика откажувања и доцнења на дојдовните летови.
Откажани се повеќе од 120 појдовни и најмалку 50 дојдовни летови, соопшти управата на аеродромот.
Се очекуваат и големи прекини и откажување на летовите на аеродромите во Бремен и Хановер. Синдикатот „Верди“ бара зголемување на платите во екот на инфлацијата, поголеми надомести за прекувремена и ноќна работа, како и подобрување на условите за работа.