Германија спроведува контрола на сите копнени граници / Photo: AA

Германија денес започна да спроведува произволни гранични контроли со пет западноевропски земји во обид да се запре илегалната миграција, проширувајќи го веќе воспоставениот контролен систем кој е во сила на четири други граници.

Полициските контроли почнаа денес наутро на границите со Франција, Холандија, Белгија, Луксембург и Данска и би требало да продолжат наредните шест месеци. Германија од минатата година воведе проверки на границите со Полска, Чешка, Австрија и Швајцарија.

Германија, членка на Европската Унија, минатата недела објави дека ги проширува граничните контроли на сите девет нејзини копнени граници како дел од напорите за сузбивање на илегалната миграција и криминалот по неодамнешните екстремистички напади.

Лево-либералната коалициска Влада на Германија се наоѓа под зголемен притисок за да ја спречи нерегуларната миграција по нападот со нож што се случи во градот Солинген минатиот месец. Во овој напад загинаа три лица, а уште осум беа повредени. Напаѓачот бил сириски барател на азил. Властите објавија дека осомничениот дошол во Германија во 2022 година, но не ги исполнувал условите за статус на бегалец. Минатата година тој требало да биде депортиран во Бугарија, првата земја од ЕУ во која влегол. Одговорноста за нападот ја презеде терористичката група ИСИС.

Германија е главната дестинација за нерегуларните мигранти и барателите на азил кои пристигнуваат во Европската Унија. Минатата година германските власти регистрирале 266.224 случаи на нелегален влез и престој. Голем број од нерегуларните мигранти биле баратели на азил од Сирија и Авганистан.

AA
Популарни