Вработените во германскиот јавен превоз денес започнаа еднодневен предупредувачки штрајк за да го зголемат притисокот врз Владата за спорот околу платите, јавува Анадолу.
Патниците се предупредени да се подготват бидејќи ќе биде попречено патувањето во поголемите градови, вклучувајќи ги Келн, Франкфурт, Штутгарт и Минхен.
Возачите на автобуси, трамвај и метро во шест покраини се приклучуваат на акцијата за штрајк, која исто така има за цел да го привлече вниманието кон климатските промени и потребата од зајакнување на јавниот транспорт.
Синдикатот „ver.di“ објави дека штрајкот ќе продолжи до полноќ во Баден-Виртемберг, Саксонија, Хесен, Долна Саксонија, Рајнска Област-Пфалц и Северна Рајна-Вестфалија.
Вработените во јавниот сектор од минатата недела организираат штрајкови во различни сојузни држави, откако втората рунда колективни преговори со Владата заврши без договор.
Синдикатот, кој претставува околу 2,5 милиони вработени во јавниот сектор, бара зголемување на платите за 10,5 отсто, односно за не помалку од 500 евра во услови на зголемена инфлација и криза на трошоците за живот.
Нова рунда преговори е планирана за крајот на овој месец.