Германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок денес беше принудена да го откаже еднонеделното патување во Австралија, Нов Зеланд и Фиџи поради проблеми со нејзиниот авион.
„Се обидовме сè: за жал, логистички е невозможно да се продолжи патувањето низ Пацификот. Ова е повеќе од непријатно“, објави Баербок на социјалната платформа Х.
Баербок остана во Абу Даби повеќе од 18 часа откако германскиот владин авион, модифициран „Ербас А340“, доживеа механички проблеми.
Авионот во кој се наоѓале Баербок и делегацијата слетал вчера во Абу Даби за да наполни гориво, но набргу по полетувањето доживеал технички проблеми и се вратил во Абу Даби.
Германското воздухопловство соопшти дека по проверките и пробниот лет, авионот повторно полетал за Австралија, но проблемот се повторил.
Во последниве години, германските политичари, меѓу кои и претседателот Франк-Валтер Штајнмаер и канцеларот Олаф Шолц, доживеаја непријатни проблеми со авионот и мораа да ги променат своите планови за патување во последен момент.
По последниот инцидент што ја принуди Аналена Баербок да ја откаже посетата на Пацификот, германското воздухопловство денес објави дека два застарени владини авиони „Ербас 340“ ќе бидат деактивирани во наредните недели.