Војната во Украина дополнително ги обесхрабри инвеститорите во недвижнини / Photo: Reuters

Германскиот сектор за недвижности веќе една деценија има корист од ерата на евтини пари што го поттикна градежништвото, но сега се соочува со криза поради зголемувањето на каматните стапки од страна на Европската централна банка (ЕЦБ), се наведува во анализата на Ројтерс.

Агенцијата посочува дека новоградбите во Германија во првите шест месеци од годинава паднале за 47 отсто во однос на просекот од изминатите две години, а бројот на нови градежни дозволи е намален за 27 отсто во првите пет месеци.

Најголемата германска агенција за недвижности Воновиа забележа загуби неколку милијарди евра, а бројот на нови работни места за градежни работници стагнира.

Цените на становите во Германија паднаа за рекордни 6,8 отсто во првиот квартал годинава во однос на истиот период лани, а дали тоа е долгорочен тренд ќе покажат и септемвриските податоци.

Шефот на германската консултантска фирма Булвингеза, Свен Карстенсен, не се сомнева дека актуелната криза во секторот на недвижности ќе продолжи уште некое време.

Кризата првенствено беше предизвикана од наглото зголемување на каматните стапки на ЕЦБ, но и од зголемувањето на трошоците за градежните работи, како и послабиот интерес за изградба на канцелариски простори и продавници за малопродажба по пандемијата.

Војната во Украина дополнително ги обесхрабри инвеститорите во недвижнини.

„За инвеститорите од Блискиот Исток, Германија е премногу блиску до Украина и тие претпочитаат да инвестираат пари во САД и Азија“, рече консултантот на Ернст и Јанг, Флоријан Швалм.

Целта на Германија е да гради 400.000 станови годишно, но засега е далеку од тоа.

На 25 септември, германските политичари, претставници на министерствата и индустријата за недвижнини ќе се сретнат со канцеларот Олаф Шолц и ќе се обидат заеднички да најдат решенија за оваа ситуација.

TRT Balkan / агенции
Популарни