Алексис Ципрас, лидерот на Сириза, која беше втора партија по освоени гласови на парламентарните избори што се одржаа на 21 мај во Грција, го одби мандатот за формирање влада предаден од грчката претседателка Катерина Сакеларопулу.
Ципрас, кој беше поканет во Кабинетот на претседателката Сакеларопулу за да му биде предаден мандатот за формирање на влада, истакна дека не постојат потребните услови за формирање на коалициска влада.
„Дојдов за да ве известам дека нема да можам да го прифатам мандатот врз основа на мојата уставна одговорност. Бидејќи, не постои можност за формирање на влада“, рече Ципрас.
И Мицотакис го одби мандатот
Киријакос Мицотакис, грчкиот премиер и лидер на Нова демократија, која победи на парламентарните избори, го врати мандатот за формирање на влада што му беше врачен од Сакеларополу.
Според соопштението на Претседателскиот кабинет на Грција, Мицотакис телефонски ја побарал Сакеларопулу за да ја извести дека го враќа мандатот за формирање на влада.
Неофицијалните резултати покажаа дека Нова демократија освоила 40,8 отсто од гласовите, добивајќи 146 пратенички места, а по неа е Сириза на поранешниот премиер Алексис Ципрас со 20,06 отсто, добивајќи 71 пратеничко место.
Резултатите објавени од Министерството за внатрешни работи покажаа дека социјалдемократската ПАСОК-КИНАЛ освоила 11,65 отсто, добивајќи 41 пратеничко место.
Што понатаму за Грција?
И покрај големата победа, партијата на Мицотакис нема да може сама да формира Влада поради последните промени во грчкиот изборен систем.
Ако партиите не можат да постигнат договор, претседателката ќе одржи последен состанок со лидерите во обид да се формира влада или да се финализира привремена администрација за да се пречека уште еден круг избори.
Во случај и понатаму да нема договор, таа ќе назначи техничка влада која ќе ја води Грција до новите избори, што би се одржале на 25 јуни.
Висок судски претставник, кој мора да биде шеф на еден од трите најголеми судови во Грција, ќе биде назначен за технички премиер.
Во вториот круг, системот ќе се насочи на полупропорционална застапеност.
Според овој систем, победничката партија добива бонус од 20 места ако има најмалку 25 отсто од гласовите, и до 50 места доколку има околу 40 отсто.