Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш во четвртокот ја повика меѓународната заедница да се придржува до принципот да нема двојни стандарди, без разлика дали во Украина или во Газа.
Антонио Гутереш, обраќајќи сѐ на медиумите пред седницата на Европскиот совет во Брисел, ја осуди „хаотичната“ ситуација во светот, „ситуацијата на неказнивост, во која секоја земја или вооружена група верува дека може да прави што сака, бидејќи нема одговорност“.
Тој ја истакна важноста од почитување на Повелбата на Обединетите нации, меѓународното право, територијалниот интегритет на земјите и меѓународното хуманитарно право.
Гутереш изрази жалење за невидениот број на цивилни жртви во Газа за време на неговиот мандат како генерален секретар и потсети дека „основниот принцип на меѓународното хуманитарно право е заштитата на цивилите“.
„Мораме да се држиме до принципите во Украина, како во Газа, без двојни стандарди, а во исто време мораме да го охрабриме светот постепено да се движи кон некоја уредна форма на мултиполарност со силни мултилатерални институции“, нагласи тој.
Гутереш смета дека единствениот начин да се постигне мултиполарен свет е преку лидерството на силна и обединета Европска унија.
Во овој контекст, генералниот секретар ја поздрави одличната соработка меѓу ОН и ЕУ, повикувајќи ја ЕУ да игра многу поактивна улога во однос на централните прашања, егзистенцијалните прашања кои му се закануваат на светот денес, како што се климатските промени, вештачките интелигенција и нееднаквоста.
Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел рече дека ЕУ ќе работи на својата позитивна улога во поддршката на светот заснован на принципи и правила.
„Соработката меѓу ЕУ и ОН е централна“, рече Мишел.
Во текот на дводневниот самит, лидерите на ЕУ ќе разговараат за поддршката за Украина, ситуацијата на Блискиот исток, прашањата за проширувањето, миграцијата и земјоделството, а ќе донесат одлука и за почеток на пристапните преговори на ЕУ со Босна и Херцеговина.