Гутереш се заложи за целосен прекин на огнот во Појасот Газа / Photo: AA

Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Антонио Гутереш, вчера се заложи за целосен прекин на огнот во Појасот Газа и рече дека хуманитарната пауза меѓу Израел и Хамас не ги решава клучните проблеми, известува Анадолу.

„Затоа инсистираме на потребата за хуманитарен прекин на огнот кој би водел до безусловно и моментално ослободување на заложниците и можност да имаме ефикасна хуманитарна помош за сите луѓе во Газа, каде и да живеат“, изјави Гутереш на конференцијата за новинари, заедно со Муса Факи, претседавач на Комисијата на Африканската унија.

На прашањето за неговата порака до израелската Влада која најави дека борбите ќе продолжат кога ќе заврши хуманитарната пауза, Гутереш рече:

„Мојата порака е многу јасна. Потребен ни е хуманитарен прекин на огнот. Имаме драматична хуманитарна ситуација. Во исто време, сакаме потполно ослободување на сите заложници, за кое веруваме дека треба да биде безусловно и веднаш.“

Договорот за четиридневна хуманитарна пауза во судирите меѓу Израел и Хамас стапи во сила на 24 ноември, петок.

Катар во понеделникот вечер објави дека хуманитарната пауза ќе биде продолжена за уште два дена, период во кој ќе продолжи размената на заробеници.

Израел започна немилосрдни воздушни и копнени напади на Појасот Газа со неселективно бомбардирање на цивилните населби, станбените објекти, џамии, цркви и болници по неочекуваниот напад од страна на Хамас на 7 октомври.

Оттогаш се убиени повеќе од 15.000 Палестинци, од кои 6.150 деца и над 4.000 жени, објавија здравствените власти на палестинската енклава.

Официјалната бројка на загинати во Израел изнесува 1.200, при што, според зборовите на пилот на Израелските вооружени сили, можно е дел од загинатите Израелци да се жртва на примената на „Ханибаловиот протокол“ од страна на израелската војска.

„Ханибалова директива“ или „Ханибаловиот протокол“ е контроверзна процедура што ја користат Израелските одбранбени сили (IDF) со цел да се спречи киднапирање на израелските војници од страна на непријателските сили.

Според оваа директива, „киднапирањето мора да се запре со сите средства, дури и по цена на напад и елиминирање на киднапираните“. Овој протокол од страна на Израел е воведен во 1986 година.

AA
Популарни