Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Антонио Гутереш, истакна дека светиот муслимански месец Рамазан може да биде добра можност за прекин на огнот во Газа.
„Начинот на кој се води војната во Газа покажува дека цивилите ја плаќаат највисоката цена“, нагласи Гутереш во интервјуто за италијанската телевизија Нове.
„Израел рече дека ова не е војна против Палестинците, туку против Хамас, но вистината е дека тоа стана колективна казна на Палестинците“, рече тој.
Гутереш ја повтори потребата од прекин на огнот и рече дека Рамазан може да биде „добра можност“ за тоа.
Израел спроведува смртоносна воена офанзива врз Појасот Газа по прекуграничниот напад на 7 октомври 2023 година од палестинската група Хамас.
Оттогаш во Газа се загинати над 31.000 Палестинци, главно жени и деца, а над 72.700 лица се повредени.
Според Обединетите нации, израелската војна принуди 85 отсто од населението на Газа на внатрешно раселување поради уништувачката блокада и недостигот на храна, чиста вода и лекови, а 60 отсто од инфраструктурата на енклавата се оштетени или уништени.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата. Привремената пресуда во јануари му нареди на Тел Авив да ги запре геноцидните дејства и да преземе мерки за да се гарантира хуманитарна помош за цивилите во Газа.