Военото крило на Хамас, Бригадите Ал-Касам, објави дека бројот на загинати Израелци во Газа е многу поголем отколку што објавува израелската страна, јавува Анадолу.
Портпаролот на Бригадата Абу Обаида во гласовна порака емитувана на телевизијата Ал Џезира рече дека борците на Бригадите Ал-Касам продолжуваат да им даваат силен отпор на израелските сили што се обидуваат да напредуваат кон Газа од различни региони.
Тој истакна дека бројот на убиени израелски војници во Газа е многу поголем отколку што има објавено израелската администрација.
Додаде дека успеале да дојдат зад израелските воени линии и да ги нападнат од непосредна близина.
Абу Обаида рече дека уништиле тенковски баталјон, дури и повеќе од тоа, како и дека убиле и раниле многу израелски војници.
Истакна дека синоќа извршиле контранапад во северозападниот дел на градот Газа и уништиле шест тенка и два транспортера.
Во соопштението на израелската војска претходно беше наведено дека уште еден војник, тешко ранет во судирите во Газа, им подлегнал на повредите.
Како што се наведува, бројот на загинати израелски војници во судирите во Газа од 31 октомври се искачи на 20.
Израелската војска ги прошири воздушните и копнените напади врз Појасот Газа, кој е под немилосрдни бомбардирања откако палестинската група на отпорот Хамас започна ненадејна офанзива против Израел на 7 октомври.
Бројот на загинати Палестинци во израелските напади во Појасот Газа достигна 9.061, соопшти палестинското Министерство за здравство. Досега во конфликтот загинале 1.538 Израелци.