Палестинската група Хамас синоќа објави дека на катарските и египетските посредници им претставила сеопфатна визија за прекин на огнот во Газа и договор за размена на затвореници со Израел, јавува Анадолу.
Хамас соопшти дека ставот на групата вклучува прекин на огнот во Газа, испорака на помош, враќање на раселените Палестинци во нивните домови и повлекување на израелската армија од Појасот Газа, како и договор за размена на заробеници со Израел.
Набрзо по објавата на Хамас, израелскиот Канал 12 објави дека Катар го доставил одговорот на групата до Израел.
Радиото на израелската армија цитираше израелски официјален претставник дека се разгледува одговорот на Хамас.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ги опиша барањата на Хамас во последната понуда како неразумни, се вели во соопштението од Кабинетот на израелскиот премиер.
„Хамас инсистира на своите неразумни барања“, рече Нетанјаху.
Тој денес ќе ги претстави најновите информации за договорот на воената влада.
Израел верува дека во Газа има 134 Израелци.
Израел, кој е обвинет за геноцид, започна офанзива врз Појасот Газа по прекуграничниот напад на Хамас на 7 октомври минатата година и оттогаш се загинати повеќе од 31.300 Палестинци.
По обвинението за геноцид поднесено од Јужноафриканската Република на 26 јануари, Меѓународниот суд на правдата одлучи дека Израел мора да се воздржи од какви било дејства поврзани со убиства, напади и уништување на жителите на Појасот Газа и да ги преземе сите мерки за да спречи геноцид.
Сепак, нападите продолжуваат со ненамалено темпо, а испораката на помош останува недоволна за справување со хуманитарната катастрофа.