Хезболах тврди дека нема оружје или воена опрема во ниту една од зградите што ги бомбардира Израел во регионот Дахија / Photo: AA

Портпаролот на движењето Хезболах во Либан, Мухамед Афифи изјави дека нивните борци убиле голем број израелски војници во директни судири на југот на земјата.

Афифи одржа прес-конференција во јужниот дел на Бејрут, главниот град на Либан, поточно во регионот Дахије, кој е познат како упориштето на Хезболах.

„Во населбите Ал Адиса и Марун ер-Рас, на југот на Либан, имаше отворени конфликти во кои убивме голем број израелски војници“, рече Афифи на прес-конференција на која присуствуваа повеќе од 150 новинари.

Потсетувајќи дека Израел не објави информација за бројот на загинатите војници, Афифи нагласи дека судирите во споменатите две населби на југот на Либан се само почеток, бидејќи Хезболах е во состојба на „највисока борбена готовност“ на ова подрачје.

Тој исто така изјави дека нема оружје или воена опрема во ниту една од зградите што ги бомбардира Израел во регионот Дахије.

Израелската армија во меѓувреме соопшти дека еден од нејзините војници бил убиен во средата за време на копнениот упад во јужен Либан.

„Капетанот Ејтан Остер (22), водач на тимот во единицата Егоз, е убиен во битка во Либан“, се вели во соопштението на армијата.

Претходно, новинарот Амит Сегал од каналот Канал 12 го сподели името, фотографијата и единицата на војникот на Телеграм, укажувајќи дека тој бил убиен во Либан претходната вечер.

Според информациите на либанските власти, од 17 септември, кога Изаел предизвика експлозија на преносни комуникациски уреди низ Либан, загинале 1.328 луѓе, меѓу кои 104 деца и 194 жени.

Водачот на Хезболах Хасан Насрала беше убиен во бомбардирање на Бејрут на 27 септември.

Хезболах, од друга страна, гранатира делови од Израел, а воените активности предизвикаа масовно раселување во северен Израел, но и во јужен Либан.


AA
Популарни