Членките на НАТО го избраа холандскиот премиер во заминување Марк Руте за нов генерален секретар на воената алијанса, се вели во официјалното соопштение објавено денес.
„Северноатлантскиот сојуз денес одлучи да го назначи холандскиот премиер Марк Руте за следен генерален секретар на НАТО, наследувајќи го Јенс Столтенберг“, се вели во соопштението на НАТО.
Руте ќе ја преземе функцијата генерален секретар на 1 октомври, кога му истекува мандатот на Столтенберг по десет години на чело на НАТО.
Столтенберг го поздрави назначувањето на Руте и му посака успех.
„Марк е вистински трансатлантски човек, силен лидер и создавач на консензус“, објави Столтенберг на социјалната мрежа X.
TRT Balkan / агенции