Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК) соопшти дека во вторникот нивниот хуманитарен конвој се нашол под стрелба во градот Газа, известува Анадолу.
МКЦК информираше дека се длабоко загрижени што нивниот хуманитарен конвој вчера бил под стрелба.
„МКЦК ги потсетува сите страни на нивната обврска кон меѓународното хуманитарно право да ги почитуваат и штитат хуманитарните работници во секој момент“, истакнуваат од Меѓународниот комитет.
Во соопштението се додава дека конвојот од пет камиони и две возила на МКЦК „превезувал потребни материјали за спасување на здравствените установи, вклучувајќи ја и болницата Ал Кудс“, кога се нашол под стрелба.
Во продолжение се наведува дека се оштетени два камиона, а полесно е повреден еден од возачите, но не е прецизиран изворот на нападот.
„Ова не се услови под кои хуманитарниот персонал може да работи“, соопшти Вилијам Шомбург, шеф на делегацијата на МКЦК во Газа, и додаде:
„Тука сме да им укажеме итна помош на цивилите на кои таа им е потребна. Овозможувањето клучната помош да може да дојде до здравствените установи е правна обврска според меѓународното хуманитарно право.“