Палестинско-американски софтверски инженер оваа недела поднесе тужба против гигантот на социјални мрежи Мета, тврдејќи дека компанијата незаконски го отпуштила.
Ферас Хамад рече дека Мета, матичната компанија на Фејсбук и Инстаграм, го дискриминирала и го отпуштила откако ги истражувал тврдењата на корисниците дека компанијата ги цензурира палестинските креатори на содржини и активисти.
Ен-Би-Си њуз вчера ја цитираше тужбата што ја поднел Хамад, а во која се вели дека тој „бил под лупа, испрашуван и отпуштен поради тоа што има палестинско потекло и/или дека е муслиман“ и затоа што ги истражувал наводите за цензура.
Според тужбата, тој бил отпуштен иако истражувањето било дел од неговата работа.
Во тужбата се вели дека Хамад „едноставно е последна жртва на хроничната и конзистентна антипалестинска пристрасност на Мета“.
Мета објави соопштение во кое се вели дека Хамад бил отпуштен поради прекршување на „политиките за пристап до податоци, за кои им даваме јасно до знаење на вработените дека ќе резултира со итно отпуштање“.
Компанијата соопшти дека отказот не се случил поради пристрасност.
Адвокатите на Хамад рекоа дека тој не ги прекршил политиките на компанијата.
Израел ја продолжува својата брутална офанзива против Појасот Газа и покрај Резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации со која се бара итен прекин на огнот.
Според локалните здравствени власти, оттогаш во Газа се убиени околу 36.600 Палестинци, од кои повеќето жени и деца, а над 83.000 се повредени.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата (МСП), кој во својата последна пресуда му нареди на Тел Авив веднаш да ја прекине својата воена операција во Рафа, во јужниот дел на Појасот Газа, каде што повеќе од еден милион Палестинци побараа засолниште од војната пред да почне копнениот напад врз градот на 6 мај.