Во синоќешните напади загинале четворица цивили, а шест биле повредени / Photo: AA

Ирачкото Министерство за надворешни работи го повика иранскиот вршител на должност во Багдад и му упати протестна нота по нападите на Иранската револуционерна гарда врз Ербил со балистички проектили.

Во протестната нота на ирачкото МНР остро се осудуваат нападите врз Ербил, објави ирачката државна агенција ИНА.

Во соопштението на Советот за безбедност на КРГ се наведува дека синоќешните напади, во кои загинале четворица цивили, а биле повредени шест лица, војската на Иранската револуционерна гарда ги извршила со многу балистички проектили врз повеќе цивилни населби во Ербил.

Се наведува дека меѓу загинатите во нападите се и ирачкиот бизнисмен Пешрев Дизеји и неговото едногодишно бебе.

Иран истрела низа балистички ракети врз позиции на „терористичките организации“ во Сирија и Ирак доцна синоќа, соопшти Корпусот на Исламската револуционерна гарда (КИРГ).

КИРГ истакна дека „шпионски штаб“ и „собир на антиирански терористички групи“ во Сирија биле уништени со балистички проектили, објавија државните медиуми.

Се истакнува дека нападот е одговор на „неодамнешните терористички злосторства“ на антииранските групи, мислејќи на двојните бомбашки напади во југоисточниот град Керман претходно овој месец и нападот врз полициската станица во покраината Систан-Белуџистан во декември.

Се наведува дека „командантите и главните елементи“ поврзани со неодамнешните напади во Керман и Раск биле идентификувани во Сирија и нападнати со балистички ракети доцна синоќа.

Најмалку 93 лица загинаа откако двајца бомбаши самоубијци го активираа експлозивот на голем собир во Керман. Нападот се случи на четиригодишнината од смртта на поранешниот висок воен командант на Иран, генерал Касем Сулејмани.

AA
Популарни