Иран: Ајатолахот Хамнеи ја водеше погребната молитва за Раиси / Photo: AA

Во Техеран се одржа погребна молитва за иранскиот претседател Ибрахим Раиси, шефот на иранската дипломатија Хосеин Амир-Абдолахијан и другите официјални лица кои загинаа во хеликоптерската несреќа во неделата.

Погребната молитва во просториите на Универзитетот во Техеран ја водеше врховниот верски поглавар на Иран, ајатолахот Али Хамнеи.

Ограничен број луѓе присуствуваа на погребната молитва, а илјадници Иранци се собраа пред вратите на универзитетот.

Стотици илјади Иранци денеска ќе присуствуваат на последното збогување и комеморација на претседателот Раиси на плоштадот Азади.

Телото на Раиси ќе биде пренесено во неговиот роден град Мешад каде ќе биде погребан во храмот „Имам Реза“. Абдолахијан ќе биде погребан во Техеран.

Раиси, осмиот претседател на Иран од Исламската револуција во 1979 година, служеше како чувар на храмот „Имам Реза“ неколку години пред да стане прв човек на иранското правосудство во 2019 година, а потоа и претседател во 2021 година.

Хеликоптерот во кој се наоѓаа иранскиот претседател Раиси и министерот за надворешни работи Хусеин Амир-Абдолахијан, гувернерот на Источен Азербејџан, Малик Рехмати, и водачот на петочната молитва во Табриз, имамот ајатолах Ал-Хашем, се урна во неделата поради временските услови на враќање од церемонијата за отворање брана на границата со Азербејџан. Подоцна беше потврдено дека нема преживеани во несреќата.

Мухамед Мохбер, првиот потпретседател на Иран, е именуван за вршител на должноста претседател вчера, по потврдувањето на смртта на Раиси.

AA
Популарни