Десетици илјади луѓе присуствуваат на комеморацијата и на испраќањето на иранскиот претседател Ебрахим Раиси, министерот за надворешни работи Хусеин Амир-Абдолахијан и други официјални лица што загинаа во хеликоптерската несреќа.
Нивните тела подоцна во текот на денот ќе бидат пренесени во централниот ирански град Ком, кој е дом на едно од почитуваните светилишта и верски семинарии каде што студирал Раиси.
По вториот погреб во Ком, тие ќе бидат донесени во главниот град Техеран, каде што се очекува иранскиот врховен водач ајатолахот Али Хамнеи да ги води собраниските погребни молитви за нив.
Раиси ќе биде погребан во четврток во североисточниот град Машхад.
Хеликоптерот во кој се наоѓаа иранскиот претседател Раиси и министерот за надворешни работи Хусеин Амир-Абдолахијан, гувернерот на Источен Азербејџан, Малик Рехмати, и водачот на петочната молитва во Табриз, имамот ајатолах Ал-Хашем, се урна во неделата поради временските услови на враќање од церемонијата за отворање брана на границата со Азербејџан. Подоцна беше потврдено дека нема преживеани во несреќата.
Според Уставот, Мухамед Мохбер, првиот потпретседател на Иран, е именуван за вршител на должноста претседател вчера, по потврдувањето на смртта на Раиси, a до одржувањето на нови избори.
Раиси, осмиот ирански претседател од Исламската револуција во 1979 година, служеше како чувар на светилиштето Имам Реза неколку години пред да стане шеф на судството на земјата во 2019 година и претседател во 2021 година.