Во иранскиот напад причинета е помала штета врз воената база на југот на Израел
Во иранскиот напад причинета е помала штета врз воената база на југот на Израел и нема извештаи за жртви, објави израелската војска. Портпаролот на израелската војска Даниел Хагари на прес-конференција говореше за нападите на Иран врз Израел.
Хагари рече дека повеќе од 200 беспилотни летала и балистички проектили до сега се лансирани од Иран врз Израел.
Тој истакна дека повеќето од овие беспилотни летала и проектили ги уништиле израелските одбранбени системи и сојузници на Израел пред да влезат во израелскиот воздушен простор. Хагари рече дека во нападите е причинета помала штета врз инфраструктурата на воената база на југот на Израел, но дека немало жртви.
Иран изврши воздушен напад против Израел доцна во саботата како одмазда за воздушен напад на 1 април врз ирански дипломатски објект во Дамаск, Сирија. Најмалку седум членови на иранската Револуционерна гарда, вклучително и двајца генерали, беа убиени во тој напад.
Револуционерната гарда го потврди лансирањето на десетици беспилотни летала и проектили кон Израел во саботата. Израелски медиуми: Американски и британски сили пресреетнаа повеќе од 100 ирански беспилотни летала лансирани кон Израел
Израелските медиуми тврдат дека американските и британските сили пресретнале повеќе од 100 беспилотни летала користени од Иран за напад на Израел.
Како што објави израелското армиско радио, повикувајќи се на неименуван израелски функционер, американските и британските сили интервенирале против беспилотни летала испукани од Иран.
Истиот извор тврди дека повеќе од 100 беспилотни летала испратени од Иран биле пресретнати од американски и британски сили надвор од израелскиот воздушен простор.
Велика Британија испрати авиони во регионот по исранскиот напад врз Израел
Велика Британија испрати неколку дополнителни авиони во регионот во саботата по нападот на Иран врз Израел, се вели во соопштението на британското Министерство за одбрана.
Иран лансираше десетици беспилотни летала кон Израел како одговор на нападот врз иранскиот конзулат во Сирија на 1 април во кој загинаа високи ирански воени команданти.
„Испративме неколку дополнителни авиони на Кралското воздухопловство (РАФ) и танкери за полнење гориво во регионот. Ова ќе биде поддршка на операцијата Шадер, актуелната операција на Обединетото Кралство против ДАЕШ во Ирак и Сирија“, соопшти Министерството за одбрана.
„Покрај тоа, овие британски авиони ќе пресретнат, доколку е потребно, какви било воздушни напади во опсегот на нашите постоечки мисии“, се додава.
Авионите на РАФ се вклучени во одбрана на Израел, според извештаите на британскиот „Скај Њуз“.
Американските и британските авиони ги соборија иранските беспилотни летала над ирачко-сириската граница, објави истиот извор, повикувајќи се на израелската телевизија „Channel 12".
Министерството вети понатамошни напори на владата со регионалните партнери да „поттикнат деескалација и да спречат понатамошни напади“.
Иранската мисија во ОН ги предупредува САД да се „држат настрана“ од конфликтот меѓу Иран и Израел
Иранската мисија во Обединетите нации (ОН) ги предупреди Соединетите Американски Држави (САД) да се „држат настрана“ од конфликтот меѓу Иран и Израел.
Ова предупредување дојде откако Иран изврши воздушен напад врз Израел.
„Иранската воена акција, извршена врз основа на член 51 од Повелбата на ОН, која се однесува на легитимната одбрана, е одговор на агресијата на ционистичкиот режим врз нашите дипломатски простории во Дамаск“, соопшти иранската мисија во ОН.
„Работата може да се смета за завршена. Меѓутоа, ако израелскиот режим направи уште една грешка, одговорот на Иран ќе биде многу поостар. Ова е конфликт меѓу Иран и непријателскиот израелски режим, од кој САД мора да се држат настрана“, се додава.
Откако Иран го започна нападот, портпаролката на Советот за национална безбедност на Белата куќа Адриен Вотсон ја потврди силната поддршка на САД за безбедноста на Израел.
„Соединетите Американски Држави ќе застанат со народот на Израел и ќе ја поддржат нивната одбрана од заканите од Иран“, додаде Вотсон.
Американскиот претседател Џо Бајден во моментов одржува состаноци со советниците за национална безбедност во Белата куќа за да разговараат за најновите случувања.