Иранската државна телевизија објави дека иранскиот претседател Ибрахим Раиси и министерот за надворешни работи Хусеин Амир-Абдулахијан загинале во хеликоптерска несреќа.
Нема знаци на живот на местото на падот на хеликоптерот во кој се наоѓаа иранскиот претседател Ибрахим Раиси и делегацијата, објави рано утринава иранската државна телевизија откако е откриена локацијата со помош на дронот Акинџи.
Хеликоптерот во кој беше иранскиот претседател Ебрахим Раиси, наводно, вчера извршил „тврдо слетување“ поради временските услови додека се враќал од церемонијата за отворање брана на границата со Азербејџан.
Заменик-гувернерот на Источен Азербејџан, Џабарали Закири, изјави дека два од трите хеликоптери во конвојот на Раиси слетале, а еден се урнал.
Во моментот на несреќата Раиси бил придружуван од министерот за надворешни работи Хусеин Амир-Абдулахијан, гувернерот на Источен Азербејџан, Малик Рехмати, и водачот на петочната молитва во градот Табриз, ајатолахот Ал-Хашем.
Поради тешките временски услови на теренот, Иран побара помош од Туркије, во чии рамки беше пратено беспилотното летало Акинџи, кое по пронаоѓањето на остатоците од хеликоптерот се врати на редовните задачи.