Договорот ги повикува земјите до 2030 година тројно да го зголемат производството на обновлива енергија и да ги намалат емисиите на метан / Photo: AA

По две недели напнати преговори на климатската конференција на ОН- ЦОП28 во Дубаи, во Обединетите Арапски Емирати, беше постигнат нов договор со кој се повикуваат сите земји да се откажат од употребата на фосилни горива.

Ова е прв пат по 30 години, откако се одржуваат конференции за климата на глобално ниво, претставниците на речиси 200 земји да се договорат за глобален пакт кој конкретно повикува на „транзиција од фосилни горива“ како нафта, гас и јаглен, кои доведуваат до опасно затоплување на нашата планета.

Претседателот на конференцијата, султанот Ахмед ал Џабер, договорот го нарече „историски“, но додаде дека неговиот вистински успех ќе биде во неговата имплементација.

„Ние сме тоа што го правиме, а не она што го кажуваме. Мораме да ги преземеме неопходните чекори за да го претвориме овој договор во опипливи дејствија“, рече Ал Џабер.

Опсежниот договор беше постигнат во „продолжетоци“ на конференцијата која започна на 30 ноември, а требаше да заврши на 12 декември. На крајот, преговарачите постигнаа компромис: новиот договор ги повикува земјите да ја забрзаат глобалната транзиција од фосилни горива во оваа деценија на „праведен, уреден и правичен начин“ и целосно да престанат да испуштаат јаглерод диоксид во атмосферата до средината на векот.

Исто така, договорот ги повикува земјите до 2030 година тројно да го зголемат производството на обновлива енергија, како што се енергијата на ветерот и сонцето и да ги намалат емисиите на метан, стакленички гас кој има многу посилен ефект на стаклена градина од јаглерод диоксид.

Иако го поздравуваат договорот, на неговите слабости предупредуваат и претставници на невладините организации.

„Се случи она од што стравуваше фосилната индустрија - крајот на ерата на фосилните горива и повикот за масовно проширување на обновливите извори на енергија и енергетска ефикасност во оваа деценија. Сепак, има многу пропусти во овој договор, кој не обезбедува доволно средства за постигнување на целите на фер и брз начин. Така, во текстот на договорот нема да го најдете терминот „постапно исфрлање“, што го бара науката и што ќе овозможи праведен и одржлив премин од фосилни горива во согласност со 1,5 степени Целзиусови. Сега повеќе од кога било сме решени да го оствариме тоа“рече Каиса Косонен од Гринпис Интернешнл.

Во споредба со прединдустрискиот период, просечната глобална температура е зголемена за околу 1,2 степени Целзиусови, а доколку се задржат сегашните нивоа на емисии, светот ќе се загрее за 2,5 степени Целзиусови до крајот на векот.

Ова далеку ги надминува целите поставени со Парискиот климатски договор. Да потсетиме, Парискиот договор за климата усвоен во 2015 година предвидува преземање на сите расположливи мерки за да се задржи затоплувањето под два Целзиусови степени до крајот на овој век, со цел зголемувањето да не надминува 1,5 степени.

На ЦОП28 беше постигнат договор за формирање на Фонд за загуби и штети, кој на богатите земји ќе им обезбеди финансиска компензација за директната штета што ја трпат поради климатските промени.

Овој договор претставува напредок за едно од најспорните прашања во борбата против климатските промени.

Веднаш штом беше постигнат договорот, Обединетите Арапски Емирати ветија придонес од 100 милиони долари за новиот фонд, додека ЕУ ќе обезбеди 245 милиони долари, од кои Германија ќе придонесе 100 милиони долари.

Велика Британија вети околу 70 милиони долари, а САД посочија дека ќе плати 17 милиони долари, под услов да се согласи американскиот Конгрес.

TRT Balkan / агенции
Популарни