Откако јуни беше прогласен за најтопол месец во последните 170 години, 2023 година најверојатно ќе постави нова висока просечна годишна температура, покажува новото истражување.
„Глобално, јуни 2023 година беше најтоплиот јуни од кога се директно измерени инструменталните рекорди од 1850 година, со што е соборен рекордот претходно поставен во јуни 2022 година“, покажува истражувањето објавено минатата недела од "Berkeley Earth", независна непрофитна организација со седиште во Калифорнија.
Истакнувајќи дека просечната глобална температура овој јуни била за 1,47 степени Целзиусови над просекот од 1850 до 1900 година, во студијата се вели дека 2023 година веројатно ќе стане нова рекордно топла година, со 81 процент шанса таа прогноза да се оствари.
Океаните, исто така, забележаа рекордно зголемување на температурата од 1,12 степени во јуни.
По рекордната жештина од минатиот месец следеа 10-те најтопли денови ви историјата, при што првата недела од јули е „најтоплата недела досега“, бидејќи глобалните просечни температури секојдневно уриваат рекорди од 3 јули, соопшти Светската метеоролошка организација (СМО).
Зголемувањето на температурите доаѓа бидејќи ефектот Ел Нињо, официјално објавено дека почнал на почетокот на јуни, продолжува да се зајакнува, предизвикувајќи временски настани како што се обилни дождови, поплави, суши и шумски пожари.
Глобалните температури последен пат го достигнаа врвот во 2016 година, кога беше силната година на Ел Нињо.
Ел Нињо е дел од природната климатска шема наречена Ел Нињо/Јужна осцилација.
Пред седум години, во Пацификот се разви екстремно интензивен настан Ел Нињо, што предизвика серија опасни промени во глобалните временски обрасци.
Поради тоа Индонезија се соочи со силна суша која ја влоши ситуацијата со разорни пожари, додека обилните дождови поплавија делови од Рогот на Африка, поплавувајќи села и земјоделски области.
Со враќањето на Ел Нињо оваа година, експертите предвидуваат дека ќе биде уште посилен, што ќе предизвика загриженост за екстремните временски услови во наредните месеци.