Лидерите на Шпанија, Словенија, Ирска и Малта неодамна одобрија заедничка декларација во која покажаа подготвеност да ја признаат Палестина / Photo: AA

Шпанската влада планира да ја признае Палестина како независна држава пред почетокот на летото, соопшти премиерот Педро Санчез.

Санчез го објави ова за време на неформалниот разговор со новинарите кои го придружуваа на официјалното патување на Блискиот Исток, според извештаите на локалните медиуми.

Тој претходно минатиот месец најави дека Палестина ќе биде признаена за време на мандатот на актуелната шпанска влада, но рокот беше поместен за потенцијално да се совпадне со европските избори закажани за 9 јуни, пренесува Ел Паис.

Санчез, сепак, истакна дека владата мора „да внимава на одлуките што ќе бидат донесени во Брисел и во САД, особено имајќи ги предвид претседателските избори во таа земја во ноември“.

Шпанскиот премиер во понеделникот ја започна турнејата по Блискиот Исток и синоќа пристигна во Јордан, додека се очекува да ги посети и Катар и Саудиска Арабија, во обид да влијае на клучните актери во регионот да постигнат одржливо решение за војната во Газа.

На официјалната веб-страница на шпанската влада е наведено дека Шпанија се стреми кон признавање на двете држави од меѓународната заедница, а премиерот на средбата со престолонаследникот Мохамед бин Салман во Саудиска Арабија ќе се залага и за арапските држави, кои досега не го сторија тоа, да го признаат Израел.

Лидерите на Шпанија, Словенија, Ирска и Малта неодамна одобрија заедничка декларација во која покажаа подготвеност да ја признаат Палестина, кога тој потег може да даде позитивен придонес и кога околностите се соодветни.

Санчез ја истакна поддршката на Мадрид за Агенцијата на ОН за помош и работа за палестинските бегалци (УНРВА), чија работа во Појасот Газа ја опиша како „клучна и незаменлива“, и покрај обвинувањата на Израел дека персоналот на оваа организација му помогнал на Хамас во октомврискиот напад врз Израел.

TRT Balkan / агенции
Популарни