Mинатомесечната просечна температура на воздухот на површината била 14,14 степени, или за 2,12 степени потопло од просекот за март 1991-2020 година / Photo: AA

Службата за следење на климатските промени на ЕУ, Коперник, во вторникот објави дека овогодинешниот март бил најтопол досега, продолжувајќи ја 10-месечната серија во која секој последователен месец поставува нов температурен рекорд, при што температурата на површината на морето достигнува нов апсолутен месечен рекорд за глобалната температура на морето.

Секој од последните десет месеци е рангиран како најтопол некогаш забележан во светот во споредба со соодветниот месец во претходните години, според Месечниот билтен на Коперник.

Соопштено е дека минатомесечната просечна температура на воздухот на површината била 14,14 степени.

„Значи не само десеттиот последователен месец го собори сопствениот топлотен рекорд, туку и глобалната просечна температура во последните 12 месеци е највисока досега забележана. Таа и го надминува прединдустрискиот просек за 1,58 степени Целзиусови поради децениските емисиите на стакленички гасови, чиј ефект од средината на 2023 година е особено нагласен со феноменот Ел Нињо“, изјави Саманта Бурџис, заменик-шеф на Коперник.

„Тоа е долгорочен тренд со исклучителни рекорди за кои сме многу загрижени“, рече Бурџис, додавајќи дека следењето и „проучувањето на ваквите записи месец по месец навистина ни покажува дека нашата клима многу брзо се менува“.

Сетот на податоци на Коперник датира од 1940 година, а научниците го споредија со други релевантни податоци за да потврдат дека минатиот месец беше најтоплиот март од прединдустриското време.

2023 година веќе беше најтоплата година на планетата според светските рекорди кои постојат од 1850 година.

Екстремните временски услови и исклучителните температури направија хаос на глобално ниво оваа година. Сушата предизвикана од климатските промени во дождовните шуми на Амазон меѓу јануари и март поттикна рекорден број шумски пожари во Венецуела, додека сушата во јужна Африка ги уништи посевите и остави милиони луѓе да се соочат со глад.

Соопштено е дека глобалната просечна температура во последните 12 месеци (април 2023 - март 2024 година) била 0,70 степени Целзиусови над просекот од 1991 до 2020 година.

Надвор од Европа натпросечни температури се забележани и на истокот на Северна Америка, Гренланд, Источна Русија, Централна Америка, делови од Јужна Америка, многу делови од Африка, Јужна Австралија и делови од Антарктикот.

„Запирањето на затоплувањето бара брзо намалување на емисиите на стакленички гасови“, рече Бурџис.

TRT Balkan / агенции
Популарни