Израелскиот парламент -Кнесет во четвртокот го усвои контроверзниот нов закон со кој се дозволува депортација на членовите на семејствата на Палестинците вклучени во нападите врз Израелците.
Предлог-законот беше усвоен во второ и трето читање со 61 гласа „за“ и 41 „против“.
Се верува дека законот е насочен кон арапските граѓани на Израел и палестинските жители на окупираниот Источен Ерусалим.
Законот не прецизираше каде ќе бидат депортирани членовите на семејствата, а израелските медиуми наведуваат дека тоа ќе биде Појасот Газа.
Новиот закон му дава овластување на министерот за внатрешни работи да одлучи кој роднина ќе биде депортиран, ако министерството обезбеди докази дека член на семејството претходно знаел за напад или ако член на семејството изрази поддршка за напад врз Израелци.
Во соопштението на Кнесетот се наведува дека според законот, периодот на депортација за лице кое има израелско државјанство може да биде меѓу 7 и 15 години и меѓу 10 и 20 години за лице кое има законска дозвола за престој.
Во вторникот, израелскиот Кнесет усвои сличен предлог-закон со кој се дозволува отпуштање на арапските учители кои поддржуваат напади врз Израелците.