Третата група од 110 палестински затвореници во израелските затвори беше ослободена во четвртокот според договорот за прекин на огнот и размена на затвореници меѓу Хамас и Израел.
Ослободувањето беше привремено суспендирано, откако израелската Влада реагираше до посредниците во договорот, дека била загрозена безбедноста на заложниците, кои утрово во Кан Јунис беа ослободени од Хамас.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху остро го критикуваше начинот на кој била извршена размената во таа хаотична средина, опишувајќи ги сцените од Кан Јунис како „неверојатна суровост“ од Хамас.
Нетанјаху истакна дека таквите настани претставуваат „доказ за незамислива суровост“ и побара посредниците да ја осигураат безбедноста на заложниците во идните размени.
Откако посредниците им дале гаранции дека заложниците во наредните размени ќе бидат безбедно, израелските власти дозволиле да продолжи ослободувањето.
Палестинците беа пречекани од членовите на семејството и пријателите по нивното пристигнување во градот Беитунија во близина на окупираниот град Рамала на Западниот Брег.
Деветнаесет затвореници беа ослободени од притворниот центар Москобија во Ерусалим.
Претходно, автобуси на Црвениот крст го напуштија израелскиот затвор Офер западно од Рамалах на окупираниот Западен Брег со десетици палестински затвореници како дел од договорот.
Дополнителни пет затвореници ќе бидат ослободени од затворот Негев во јужен Израел и ќе бидат испратени во Газа, додека 20 ќе бидат префрлени во Египет.
Израелските власти во четвртокот ги предупредија Палестинците да не го слават ослободувањето на затворениците од израелските затвори.
Предупредувањето беше испратено преку летоци и фотографии фрлени од израелски дронови околу воениот затвор Офер, непосредно пред планираното ослободување на 110 Палестинци.
„Секој што учествува во вакви настани ризикува апсење. Ве предупредивме и ве следиме“, се вели во еден леток.
И покрај овие предупредувања, голем број Палестинци се собраа пред затворот Офер носејќи знамиња додека го чекаа ослободувањето на затворениците.
Хамас ослободи тројца Израелци и пет тајландски работници во четвртокот рано наутро според договорот за прекин на огнот во Газа. Илјадници Палестинци се собраа за време на церемонијата на предавање на израелските затвореници.
„Масовните собири за време на предавањето на израелските затвореници во Џабалија и Кан Јунис среде урнатините во северниот и јужниот дел на Газа испраќаат порака до израелската окупација дека палестинскиот народ ќе остане на својата земја“, се вели во соопштението на Хамас.
Првата шестнеделна фаза од договорот за прекин на огнот стапи на сила на 19 јануари, со што беше запрена израелската геноцидна војна во која загинаа повеќе од 47.400 Палестинци, главно жени и деца, а повеќе од 111.000 беа повредени од 7 октомври 2023 година.
Досега десет израелски затвореници се ослободени во замена за 290 Палестинци откако договорот стапи во сила.
Според првата фаза од договорот, 33 израелски затвореници ќе бидат ослободени во замена за приближно 1.700 до 2.000 палестински затвореници.