„Градот Кан Јунис е опасна борбена зона“, нагласувува израелската армија

Израелската армија денес ги предупреди жителите на источните области на градот Кан Јунис да се евакуираат во градот Рафах на јужниот дел на Појасот Газа.

Денес израелските авиони фрлија летоци врз источните градови Кан Јунис, јужно од Појасот Газа.

„До жителите на градовите Ал-Карара, Куза, Абасан и Бани Сухаила, мора веднаш да се евакуирате и да одите во засолништата во областа Рафах“, се вели во израелските летоци.

„Градот Кан Јунис е опасна борбена зона“, се додава.

Предупредувањето е издадено и покрај тоа што израелската армија ги интензивираше своите воздушни и артилериски напади врз Рафах веднаш по завршувањето на привремената хуманитарна пауза во Газа утринава.

Најмалку 32 Палестинци загинаа, а неколку други се повредени додека Израел продолжи со нападите врз различни области во Појасот Газа во рок од три часа по завршувањето на паузата, соопшти Министерството за здравство во Газа.

Пред околу две недели израелската армија побара од жителите на областите источно од Кан Јунис да се евакуираат и таму почна со ограничени копнени упади.

Минатата недела израелската армија прати и СМС-пораки на телефоните на голем број жители во градот, во кои пишуваше: „Повик до жителите на Кан Јунис. Израелските одбранбени сили знаат дека во вашата област има киднапирани лица што сте ги скриле.“

„Знајте дека израелските одбранбени сили ќе го гонат секое лице што привело или држи киднапирани лица.“

Голем број израелски воени возила се стационирани на периферијата на Кан Јунис.

Хуманитарната пауза меѓу Израел и Хамас, која стапи на сила на 24 ноември, заврши утринава.

AA
Популарни