Семејствата на Израелците заробени од Хамас во Појасот Газа упаднаа денес на седница на парламентарната комисија во Ерусалим, барајќи договор за нивно ослободување.
Израелскиот јавен сервис КАН објави дека членовите на семејствата кога влегле на состанокот на финансискиот комитет на Кнесетот носеле табли на кои пишувало „Нема да седите овде додека тие умираат таму!“.
Се верува дека Хамас држи околу 136 Израелци по прекуграничниот напад на 7 октомври.
Израел започна смртоносна офанзива на Појасот Газа по нападот на Хамас, при што загинаа најмалку 25.295 Палестинци, а беа повредени 63.000. Се верува дека околу 1.200 лица загинале во Израел.
Напорите за посредување на Египет, Катар и САД досега не успеаја да обезбедат ослободување на уште една група израелски заложници бидејќи Хамас бара прекин на смртоносната офанзива на Израел на Појасот Газа.
Со претходниот договор меѓу Хамас и Израел во ноември беа ослободени 81 Израелец и 24 странци во замена за 240 Палестинци, меѓу кои 71 жена и 169 деца.
Според податоците на Обединетите нации, поради израелската офанзива, 85 отсто од населението во Газа е внатрешно раселено и се соочува со акутен недостиг на храна, чиста вода и лекови, додека 60 отсто од инфраструктурата на енклавата е оштетена или уништена.