Израел уби 37.765 Палестинци во Појасот Газа од 7 октомври досега / Photo: AA

Бројот на убиени Палестинци во израелските напади врз Појасот Газа се зголеми на 37.765, откако се убиени уште 47 Палестинци, објави денес Министерството за здравство на енклавата.

Во соопштението се додава дека најмалку 86.429 лица се повредени од 7 октомври 2023 година.

„Во последните 24 часа израелските сили убиле 47 лица и раниле 52 во три масакри на семејства“, соопшти Министерството.

Многу луѓе сѐ уште се заробени под урнатините и на патиштата бидејќи спасувачите не можат да стигнат до нив.

Прекршувајќи ја Резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации со која се бара итен прекин на огнот, Израел се соочи со меѓународна осуда поради континуираната брутална офанзива врз Појасот Газа со неселективно бомбардирање на цивилни населби, училишта, верски објекти и болници, започната по нападот на палестинската група на отпорот Хамас на 7 октомври минатата година.

Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата, со чија последна одлука им се нареди на израелските власти веднаш да ја прекинат воената операција во јужниот град Рафа.

И покрај тоа, израелските напади врз Појасот Газа продолжуваат со несмален интензитет, а испораката на хуманитарна помош не е доволна за решавање на хуманитарната катастрофа.

AA
Популарни