Како што јави израелскиот портал Инет, воени авиони фрлиле бомби со вкупна тежина од 73 тони врз бункер во областа Дахија / Photo: AA

Командантот на Хезболах задолжен за комуникации, Мухамед Рашид Сакафи е убиен вчера во израелски воздушен напад врз Бејрут, соопшти денеска израелската армија (ИДФ).

Според соопштението на ИДФ, Сакафи го водел одделот за комуникации на Хезболах од 2000 година и се верува дека е близок до раководството на движењето, објави „Тајмс оф Израел“.

„Сакафи направи значителни напори за развој на комуникациските способности меѓу сите единици на Хезболах во текот на сите периоди на операцијата за одржување на протокот на информации во рамките на целата терористичка организација“, додаде израелската војска.

Претходно, ИДФ објави дека ноќта меѓу четвртокот и петокот, израелски воени авиони го бомбардираа бункерот Ал-Марија во предградието на Бејрут, кој е идентификуван како „главен штаб на разузнавањето“ на Хезболах.

Како што јави израелскиот портал Инет, воени авиони фрлиле бомби со вкупна тежина од 73 тони врз бункер во областа Дахија каде се очекуваше да се одржи состанок на раководството на Хезболах, на кој требаше да присуствува и можниот наследник на ликвидираниот лидер на движењето, Хасан Насрала.

Њујорк Тајмс и американскиот портал Аксиос објавија дека цел на израелскиот напад на Бејрут бил Хашем Сафиедин, кој треба да биде избран за нов лидер на Хезболах откако Насрала беше убиен во израелски напад врз Бејрут на 27 септември.

Се проценува дека Сафиедин во тоа време бил во комплексот заедно со други високи членови на движењето. Порталот наведува дека во Израел се проценува дека сите што биле во бункерот најверојатно се повредени.

За споредба, во нападот во кој беше елиминиран Насрала, исто така во подземниот штаб во Даха, беа фрлени бомби тешки повеќе од 80 тони, вклучително и бомби кои продираа во бункери.

Сафиедин, братучед на убиениот лидер на Хезболах, Хасан Насрала, долго време е еден од највисоките функционери на организацијата и се сметаше за кандидат за нов генерален секретар.

Силни експлозии се регистрирани во текот на ноќта во Бејрут, а медиумите објавија дека над либанската престолнина се забележани борбени авиони, но и чад.

Либанското Министерство за транспорт соопшти дека поширокото подрачје на аеродромот било погодено барем еднаш.

ИДФ соопшти дека девет израелски војници биле убиени во средата на неколку локации во јужен Либан.

Се посочува дека израелските војници пронашле оружје што Хезболах го оставил во селата во јужен Либан.

AA
Популарни