Договорот за прекин на огнот и размена на заробеници во Појасот Газа е на сила од 19 јануари / Photo: Reuters

Израел во сабота ќе ослободи 369 палестински затвореници како дел од шестата серија од првата фаза од тековниот договор за размена на затвореници меѓу Хамас и Израел, објавија палестински извори.

Канцеларијата за медиуми на палестинските затвореници, поврзана со движењето Хамас, соопшти дека групата што ќе бидат ослободена ќе вклучува 36 затвореници кои отслужуваат доживотна казна затвор и 333 затвореници од Појасот Газа, кои беа уапсени по 7 октомври 2023 година.

За возврат, бригадите Ал-Касам, военото крило на палестинското движење Хамас, претходно во петокот ги објави имињата на тројцата израелски затвореници кои треба да бидат ослободени во сабота како дел од договорот за размена.

Хамас во четвртокот ја потврди својата посветеност за спроведување на потпишаниот договор, вклучително и размена на затвореници според договорената временска рамка.

Хамас посочи дека посредниците од Египет и Катар работат на решавање на пречките предизвикани од израелските прекршувања на договорот, опишувајќи ги преговорите како „позитивни“.

Овие напори за посредување следеа по одлуката на Хамас во понеделникот да го суспендира ослободувањето на израелските затвореници додека Тел Авив не престане со прекршувањата и ретроактивно не го почитува хуманитарниот протокол од договорот.

Договорот за прекин на огнот и размена на заробеници во Појасот Газа е на сила од 19 јануари, со што е прекината геноцидната војна на Израел во која загинаа повеќе од 48.200 луѓе, главно жени и деца, а палестинската енклава ја остави во урнатини.

TRT Balkan / агенции
Популарни