Израелската војска заплени 441 хектар земја која им припаѓа на Палестинците на окупираниот Западен Брег.
Од Советот за борба против еврејските населби наведено е дека израелската војска запленила 441 хектар земја во селата Шибтин, Деир Амар и Деир Кадис во западниот дел на Рамалах.
Се додава дека одлуката на Израел да ја заземе земјата на Палестинците „е преземена за да се консолидира контролата врз сето земјиште што ги опкружува Нили и Наали, палестинска земја“ заземена од страна на Израелците на Западниот Брег.
Обединетите нации, кои ги прогласија еврејските населби на окупираната палестинска територија за нелегални и повикуваат на нивно запирање со децении, предупредуваат дека тоа ги поткопува шансите за решавање на судирот во согласност со принципот за дводржавно решение.
Како што јави државната палестинска новинска агенција ВАФА, израелската војска синоќа извршила рации врз градовите Јасак, Араба, Фекуа и Џелбун во Џенин на Западниот Брег.
Израелската војска го опколи градот Рамин, источно од Тулкарем, ги затвори сите влезови и го претвори ова подрачје во воена касарна.
Израелските војници извршија рација и ги истераа сопствениците на куќите, ги испрашуваа и ги одзедоа камерите во нивните домови и работни места.
ВАФА објави дека еден Палестинец е приведен во селото Ал Минје југоисточно од Витлеем, а тројца Палестинци на воен контролен пункт во градот Ерихон.
Според палестински извори, околу 725.000 еврејски доселеници живеат во 176 еврејски населби и 186 места на окупираниот Западен Брег.
Според меѓународното право, сите еврејски населби на окупираните територии се сметаат за нелегални.