Израелката Ноа Аргамани, која осум месеци беше притворена во Појасот Газа, негираше дека таму била измачувана.
Израелските медиуми објавија дека била мачена за време на нејзиниот притвор во Газа, наведувајќи дека тоа се нејзините зборови.
Откако веста брзо се прошири во медиумите, Аргамани на својот профил на социјалните мрежи ги демантираше наводите.
Таа изјавила дека не била мачена додека била притворена во Газа.
„Не ме мачеа, ниту ми ја шишаа косата. Не ме тепаа. Бев во зграда која беше погодена од израелските воздухопловни сили. Имав рани по целото тело бидејќи зградата се урна врз мене“, напиша Аргамани.
Таа реагираше на веста во израелските медиуми дека била мачена за време на нејзиниот осуммесечен притвор.
„Јас сум жртва на инцидентот од 7 октомври и одбивам повторно да бидам жртва на израелските медиуми“, додаде Аргамани.